19 мртви во немири поради киднапирање на дете со албинизам на Мадагаскар

Сподели со своите пријатели

Група луѓе се обиделе да упаднат во полициската станица, за да им се одмаздат на четворицата осомничени за киднапирање на дете со албинизам и за убиство на неговата мајка.

Loading...

Полицијата отвори оган – најмалку 19 лица загинаа, а повеќе од 20 се ранети.

Немири избија вчера во градот Иконго, околу 330 километри југоисточно од главниот град на Малагазија, Антананариво, пренесува Ројтерс.

Како што соопшти полицијата, група лица се обиделе да упаднат во полициската станица каде се приведени четири лица, поради сомнение дека киднапирале дете со албинизам и ја убиле неговата мајка.

Полицијата отворила оган и, според нивната изјава, во немирите загинале 19 лица, а 21 е ранет.

Безбедносните сили беа испратени во Иконго за да воспостават ред, а полицијата соопшти дека ситуацијата во градот сега е мирна.

Според агенцијата, на семејствата на загинатите во престрелката им била понудена парична отштета од безбедносните сили.

Засега не се соопштуваат мотивите зад киднапирањето на детето и убиството на неговата мајка.

Loading...

Во некои африкански земји, децата со албинизам се киднапирани од луѓе кои веруваат дека можат да се користат за ритуални цели.