Голем пад во бројот на пoжари биле регистрирани минатата година на подрачјето на Куманово во споредба со 2021 година.
Според годишниот извештај на Територијалната противпожарна единица Куманово, лани имало дури 179 интевенции помалку во споредба со годината претходно.
– Намалувањето на бројот на пожарите се манифестира во сите сегменти, а особено голема е разликата во делот на пожари на отворен простор, каде бележиме намалување од дури 145 интервенции, се наведува во извештајот.
Кумановските пожарникари лани имале 32 интервенции во Општина Липково, а во Општината Старо Нагоричане интервенирале во четири наврати. Помош пружиле и на една интервенција во Тетово.
– Со оглед на релативно добрата екипираност на ТППЕ, во голема мера беа подобрени условите за работа со што беше овозможено подобро и поефикасно работење на единицата, како во услови на гаснење на пожари, така и при технички интервенции, стои во заклучокот од извештајот.
Командирот на ТППЕ Куманово Дејан Илиевски вели дека во изминатите години пожарникарите биле на четири до пет обуки кои ги оргнизира Дирекцијата за заштита и спасување.
– Околу тоа колку се обучени и спремни нашите пожарникари, беа и во Турција, луѓето се обучени колку дозволуваат условите во нашата држава и одговорно тврдам дека затоа што посетувале обука, се обучени да одговорат на највисок можен начин, рече Илиевски на денешната седница на Советот на Општина Куманово.
Минатата година во Територијалната противпожарна единица Куманово биле вработени 47 лица.
Никола Ивановски