Ајфеловата кула во Париз, една од најпопуларните туристички атракции во светот, денеска беше затворена поради штрајк на нејзините вработени, изјавија за француски AFP синдикатите CGT и FO.
Причина за штрајкот е незадоволството од финансиското управување во рамките на градското претпријатие СЕТЕ кое стопанисува со кулата.
Оваа компанија на својата веб-страница објави дека денеска, понеделник, ќе има нарушувања при посетите на споменикот.
Таа им препорача на сопствениците на билети да ја проверат ситуацијата пред да пристигнат или да ја одложат посетата.
Синдикатите го критикуваат бизнис планот на менаџерот, кој, според нив, се заснова на претерана проценка на идниот број на посетители, а во исто време ги потценува трошоците.
Ова е всушност втор штрајк на вработените во Ајфеловата кула во изминатите два месеци и може да биде продолжен, според синдикатите. Првиот штрајк го организираа вработените на 100-годишнината од смртта на Густав Ајфел, креаторот на кулата.
Во заедничката изјава, синдикатите CGT и FO го повикаа градот Париз „да биде разумен во своите финансиски барања за да обезбеди опстанок на споменикот и компанијата што управува со него“.
Секоја година Ајфеловата кула ја посетуваат речиси седум милиони туристи, од кои три четвртини се странци.
Се очекува бројот на посетители на кулата да се зголеми бидејќи француската престолнина е домаќин на Олимписките игри оваа година.