По обидот за атентат врз Доналд Трамп, српскиот вицепремиер Александар Вулин ги повика властите да ги зголемат безбедносните мерки за претседателот Александар Вучиќ и неговото семејство.
„Со медиумски притисок се обидуваат да ги натераат да се откажат од заштитата на државата и да бидат уште полесни мети“, рече Вулин, зборувајќи за Вучиќ и неговото семејство.
Тој потсети дека во последните неколку месеци се случи обидот за атентат на словачкиот премиер Роберт Фиц и смртта на иранскиот претседател Ебрахим Раиси во авионска несреќа.
Вулин смета дека не случајно се работи за лица кои се залагале „за поинаков свет и мир во Украина“, пренесува Нова.рс.
„Нека се подготви Вучиќ и секој кој има храброст да се бори за слобода. Обидот за убиство на поранешниот претседател Трамп е израз на дозволена и поттикната омраза, истата омраза што се поттикнува и слободно се изразува кон Вучиќ и Србија“, предупреди тој.
Дачиќ: Нешто слично се спроведува и во Србија
Вулин не беше единствениот претставник на српските власти што го спореди Вучиќ со Трамп.
Вицепремиерот и министер за полиција Ивица Дачиќ изјави дека обидот за атентат врз Трамп е „тажен и трагичен доказ за последиците од кампањата на омраза, закани и дехуманизација на еден човек“.
„Нешто слично се спроведува и во Србија, преку напади врз претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ и неговото семејство“, додаде тој.
Претседателката на српскиот парламент, Ана Брнабиќ, апелираше до „елитата во Србија и нивните независни медиуми“, за кои тврди дека се сè само не независни, да разберат „кои можат да бидат вистинските последици од омразата што секојдневно ја промовираат“.