Во Занаетчискиот дом во Куманово синоќа свечено беше отворен првиот фестивал на кинеската филмска продукција во Македонија, настан кој преку филмската уметност има за цел да ги приближи културите и народите на Македонија и Кина.

На свеченото отворање присуствуваа претставници на Општина Куманово, културни работници и љубители на филмот, а со пригодна увертира беше означен почетокот на фестивалската програма.
Претходно, градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, оствари средба со амбасадорката на Народна Република Кина во Македонија, Џијанг Сјаојан, на која присуствуваа и секретарот на Општина Куманово, Емилија Сларидис Јаневска, како и претставници од општинската администрација.

Средбата се одржа во рамки на фестивалот, а во пријателска атмосфера било разговарано за досегашната комуникација и соработка, меѓусебната почит, како и за успешните проекти меѓу двете земји кои се од значење за граѓаните.
На свеченото отворање, амбасадорката Џијанг Сјаојан истакна дека културната размена и емоциите што ги пренесува филмското платно претставуваат мостови на пријателство и соработка меѓу двата народа.
Во обраќањето посебно место им беше посветено и на македонските филмски остварувања „Пред дождот“ и „Медена земја“, кои оставија значаен белег на меѓународната филмска сцена.
Фестивалот за отворен го прогласи Дејан Стојановски, раководител на Секторот за култура, спорт, социјална заштита, заштита на децата и здравствена заштита при Општина Куманово.

Фестивалската програма започна со проекцијата на филмот „Сонцето изгрева над сите нас“ (The Sun Rises on Us All).
Во рамки на фестивалот, на 7 и 8 октомври следуваат уште четири филмски вечери, со проекции на филмовите „Monster Hunt“, „When the Night Meets Light“, „Monster Hunt 2“ и „Like a Rolling Stone“.

Организатор на фестивалот е EU China Film Festival, со поддршка од Фондацијата за култура и спорт – Куманово и Општина Куманово.
Фестивалот претставува можност кумановската публика да се запознае со дел од современата кинеска кинематографија, но и преку филмската уметност да се отвори простор за понатамошна културна размена и соработка.
Никола Ивановски

