Куманово трет ден е домаќин на 29-то годишно Собрание на Асоцијацијата на градови – носители на мир.
Случувањата на 9 и 10 мај како и бегалската криза беа двете причини поради кои Извршниот одбор одлучи годишното Собрание да се одржи токму во Куманово каде 109-те градови од различни страни од светот ќе имаат директен увид во состојбите, но и ќе дебатираат за тоа дали и како би можеле да се ублажат последиците од бегалската криза.
На тридневното Собрание, оваа година се одвзаа десет градови, а како нова членка на оваа невладина организација која работи под покровителство на ООН беше примена и Општина Струмица.
Градоначалникот на Куманово, Зоран Дамјановски, како домаќин на оваа асемблеа, на трите пленарни сесии ја истакна важноста од продолжување на соработката на градовите во правец на градење на мир и учество на настани за приближување на народите како еден од начините за рушење на бариерите и границите кои се повеќе се изразени поради бегалската криза во Европа.
И покрај настаните на 9 и 10 мај, Куманово успеа да го одржи мирот во градот и уште повеќе да ги зајакне меѓуетничките односи, со што уште еднаш докажавме дека ние сме град кој знае како да го очува мирот и слободата како универзално човеково право. Нашиот град по настаните во мај се најде на уште еден испит, а тоа е бегалската криза , и сметам дека северната точка и местото каде што дневно доаѓаат и по 4000 бегалци претставува пример за тоа како се делува во услови на криза, со сплотување на различните ентитети кои доброволно се јавија да помогаат во духот на хуманоста, истакна Дамјановски.
Годишното редовно Собрание на НВО ”Асоцијација на градови носители на мир” завршува денес, со обраќање на постојаниот претставник на УНДП во Македонија, Луиза Винтон и усвојување на резолуција која ќе биде доставена до Организацијата на Обединети нации.
Куманово од четврток е домаќин на Меѓународната асоцијација на градови носители на пораката за мир на кој учествуваат десет градови од различни земји.
[huge_it_gallery id=”213″]
Учесници на оваа манифестација се делегации од Брајтон (Велика Британија), Крагуевац (Србија), Морфу (Кипар), Плонск (Полска), Словен Градец (Словенија), Зуриег (Малта), Котор (Црна Гора), Велун (Полска) и Струмица.
Главната тема на собирот е мигрантската криза која е актуелна тема насекаде низ светот, а посебно во Куманово поради положбата на градот низ кој илјадници бегалци транзитираат дневно кон Западна Европа.
Градоначалникот Зоран Дамјановски на состанокот на Извршниот одбор на организацијата, на членовите им посака пријатно добредојде и успешно завршување на работните сесии.
По завршувањето на работниот дел од денот, гостите посетија неколку локации во градот, меѓу кои: Градскиот Музеј, Црквата СВ. Никола, Градскиот затворен Базен и Градскиот Кеј, а потоа сите заедно во Галеријата присуствуваа на Изложбата на карикатури од Музејот на Крагуевац.