Вкупно седумнаесет точки ќе се најдат пред советниците на општина Куманово на редовната 46 – та седница закажана за четврток, инаку последна советничка седница за оваа година.
Советниците ќе дискутираат за програма за работа на Јавната општинска установа – Библиотека ‘‘Тане Георгиевски‘‘ – Куманово во 2016 година, за тримесечниот извештај за финансиското работење на ЈП „Куманово – гас“ – Куманово од 01 јули до 30 септември, како и за работната програма за ова кумановско јавно претпријатие.
Меѓу останатите точки се најде и предлог – измена и дополнување на планот на програми за развој на Општината Куманово за 2016 година, како и предлог – одлука за зголемување на основната главнина на Јавното претпријатие за изградба на инфраструктурни објекти “Куманово – Гас” Куманово.
Советниците ќе дискутираат и за предлог буџет за општината за 2016, и одлука за негово извршување.
На седницита ќе се гласа и за одлуката за утврдување на вредноста на бодот за платите на државни службеници за 2016 година и утврдување на висина на благајнички максимум за готовинско плаќање од Буџетот на Општината Куманово за 2016 година.
Останатите точки се поврзани со урбанистичко уредување на градот и повторно гласање по предлог – одлука за ослободување од плаќање на надоместок за уредување на градежно земјиште за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти на Македонска православна црква – Охридска архиепископија – Скопје, Кумановско – Осоговска Епархија.