ВМРО-ДПМНЕ со револт за одлуката паркингот пред Градскиот базен да се наплаќа

Loading...
Сподели со своите пријатели

Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ денеска преку прес конференција искажа јавен револт и осуда за намерата паркингот просторот пред Градскиот базен во Куманово во иднина да се наплаќа.

Како што рече портпаролот на кумановскиот огранок на партијата, Милан Давидовиќ, тоа е спортски комплекс, каде многу кумановци го минале детството играјќи баскет и фудбал, и не треба да биде претворено во паркинг кој ќе им се наплаќа на граѓаните.

– За да се наплаќаат пари за паркирање од граѓаните на град Куманово, не е доволно само да се упи еден литар бела боја и да се нацртаат паркинг места на улици или пак, како во случајов, да се уништи спортски комплекс. Треба да се има искрен пристап кон нив и да се реализираат ветувањата, односно сериозно да се инвестира во вистински катни гаражи, особено во централното градско подрачје. ОК на ВМРО ДМНЕ Куманово јавно го прашува градоначалникот, каде му се петте катни гаражи кои ги ветуваше во својата изборна програма и на изборните митинзи, праша денеска во името на партијата  портпаролот Давидовиќ.

Наместо да цртаат паркинг места, Давидовиќ, побара да се вратат игралиштата за мал фудбал и баскет, кои постоеле на просторот.

– Во интерес на граѓаните на општина Куманово, ги повикуваме членовите на Советот, да се издигнат над тесно партиските интереси и да не дадат согласност на оваа одлука на Јавното претпријатие „Куманово – паркинг“, изјави Давидовиќ.

Инаку, кумановскиот огранок на партијата секојдневно спроведува теренска акција „Обнова пред вашиот дом“ и како што информираше денеска портпаролот, јавно ќе се обелоденат барањата на граѓаните.

Никола Ивановски

Leave a Reply