Според последните податоци на Државниот завод за статистика, во јуни годинава просечната нето-плата по вработен достигна 31.869 денари, што е за 3.125 денари повеќе од лани истиот месец.
Податоците од Државниот завод за статистика покажуваат дека зголемувањето на просечната месечна нето-плата за 10,9 отсто во јуни годинава, се должи пред се на растот на платите во секторите: Објекти за сместување и сервисни дејности со храна каде што е регистриран раст на нето-платата од 23,1%, Уметност, забава и рекреација со 17,5% раст на просечната нето-плата и во секторот Трговија на големо и трговија на мало растот на просечната месечна нето-плата е 16%.
Ваквиот тренд на континуирано зголемување на просечната нето плата во земјата е резултат на економските мерки и политики што ги спроведува Владата за раст на просечната и на минималната плата која изнесува 18.000 денари.
Владата продолжува со креирање на мерки и на амбиент за повисоки стапки на економски раст и раст на приходите на сите граѓани, со цел да се унапреди животниот стандард на граѓаните особено во услови на криза.
Интегрално соопштение: Влада на РСМ