Здравствената состојба на папата Франциско (88), кој пред два дена поради бронхитис беше примен во римската болница „Агостино Гемели“, е стабилна и тој добро одмараше во текот на ноќта, соопшти денеска Ватикан.
„Клиничката состојба на папата е стабилна, а терапевтскиот дијагностички процес пропишан од медицинскиот персонал продолжува. Тој утрово ја прими Евхаристијата и ја следеше светата миса на телевизија“, се вели во соопштението на Ватикан, пренесено од АНСА.
Папата беше примен во римската болница Гемели во петокот откако се влоши нападот на бронхитис.
Тоа е негова четврта хоспитализација од неговиот избор за папа во 2013 година и покрена прашања за неговото сè понесигурно здравје.
Лекарите потврдија дека папата има инфекција на респираторниот тракт и му препишаа „апсолутен одмор“ заедно со неодредена терапија со лекови.
Папата Франциско денеска напладне го прескокна својот традиционален благослов, одбивајќи дури и да дојде до прозорецот на неговата болница за да и мавне на малата толпа луѓе собрани под прозорецот.