Варџиски на 19-тата Годишна конференција на МАСИТ: Се стремиме Македонија да стане регионален лидер во развојот и имплементацијата на нови технологии

Сподели со своите пријатели

Заменик министерот за дигитална трансформација м-р Радослав Настасијевиќ Варџиски учествуваше во дебатата со наслов „Дали имаме национален капацитет за брза адаптација на работната сила со предизвиците кои ги носи вештачката интелигенција?“, организирана во рамки на 19та годишна конференција на МАСИТ – Стопанска комора за информатички и комуникациски технологии.

Loading...

Тој ги сподели заложбите на Министерството за дигитална трансформација во насока на изготвување на суштинските стратешки документи – Националната стратегија за сајбер безбедност и Националната ИКТ стратегија , информираше за тековните активности на министерството, но се осврна и на затекнатите состојби во овој ресор.

“Националната ИКТ Стратегија ќе биде основа за клучните реформски процеси во областа на дигиталната трансформација. Оваа стратегија ќе биде усогласена со целите на Европската Унија и Дигиталната декада на Европа за 2030 година. Со неа, Македонија не само што ќе биде во чекор со Европа, туку ќе се фокусираме да стане предводник во регионот. Иако предизвиците се големи, нашата решителност е поголема. Преку централизиран и координиран пристап, конечно имаме јасна патека кон дигитална иднина што ќе донесе просперитет за сите наши граѓани. Министерството за дигитална трансформација, заедно со сите релевантни институции и партнери, е подготвено да биде двигател на оваа историска промена” рече Варџиски.

Тој истакна дека само со инклузивен пристап и вклученост на сите засегнати страни може да се работи на забрзување на развојот на дигиталната трансформација, воведување на современи технологии, и подигнување на нивото на дигиталната писменост кај граѓаните.

Варџиски потенцираше дека вештачката интелигенција станува клучен фактор за развој и напредок на економијата и затоа активно ќе се работи за да се создадат услови за системска поддршка на компаниите во нивната дигитална трансформација, особено во делот на имплементација на решенија базирани на вештачка интелигенција.

“Нашата визија е јасна – се стремиме Македонија да стане регионален лидер во развојот и имплементацијата на нови технологии. За да го постигнеме тоа, работиме на создавање на целосен екосистем кој ќе ги поврзе сите чинители – од јавниот сектор, академската заедница и истражувачките центри, коморите, преку старт-ап компаниите, до големите корпорации.” додаде тој.