Украина изврши напади со дронови во неколку региони на Русија, погоди две станбени згради во регионот Тамбов и рани најмалку три лица, објави Русија во саботата.
Регионалниот лидер Евгениј Первишов во апликацијата за пораки Телеграм изјави дека луѓето се лекуваат од повреди предизвикани од скршени стакла на прозорците кога беспилотни летала погодиле две куќи во градот Котовск, на околу 480 километри југоисточно од Москва.
Тој рече дека зградите биле само малку оштетени, дека на жителите им било понудено привремено сместување и дека не е потребна евакуација.
– Три лица се здобија со расекотини од парчиња скршено стакло, други четворица се пожалија на висок крвен притисок – рече тој.
Одделно, руското Министерство за одбрана соопшти дека пресретнало и уништило 85 украински беспилотни летала во текот на ноќта во неколку региони на земјата, вклучувајќи 31 беспилотно летало над Црното Море, по 16 во регионите Воронеж и Краснодар и 14 над Азовското Море.
Руската авијација Росавијација соопшти дека аеродромите во градовите Казан, Нижнекамск и Уљановск во регионите на реката Волга привремено ги прекинале летовите.
Подоцна беше прогласена суспензија на летовите во градот Саратов за да се обезбеди безбедност.
Украинското воено воздухопловство во соопштението во саботата наутро соопшти дека Русија во текот на ноќта лансирала 74 беспилотни летала кон Украина, додавајќи дека соборила 47 од нив, додека други 27 исчезнале од радарите без да стигнат до своите цели, пренесува Ројтерс.