Убиени додека чекале плата: Бомбаш самоубиец нападна банка во Кандахар

Сподели со своите пријатели

Бомбаш самоубиец денеска нападна приватна банка во градот Кандахар на југот на Авганистан и уби најмалку три лица, а 12 од нив се ранети, јавува Асошиејтед прес (АП).

Loading...

„Сите жртви се луѓе кои случајно се нашле во филијалата на Њу Кабул банка со намера да ја подигнат својата месечна заработка“, рече шефот на Одделот за информации и култура на владата во Кандахар, Инамула Самангани.

Портпаролот на талибанското Министерство за внатрешни работи, Абдул Матин Кани, исто така го потврди нападот, но не даде детали, велејќи дека случајот е под истрага.

Засега никој не ја презеде одговорноста за бомбашкиот напад, јави АП, потсетувајќи дека огранокот на Исламската држава, главниот ривал на талибанците, извршил претходни напади врз училишта, болници, џамии и шиитски области низ земјата.

Кандахар е духовен и политички центар на авганистанската влада, бидејќи таму се наоѓа врховниот лидер на талибанците Мула Хибатула Ахунџад, а неговите одлуки за главните прашања ги спроведуваат властите во главниот град Кабул.

Талибанците ја презедоа власта во Авганистан во август 2021 година за време на хаотичното повлекување на трупите на САД и НАТО по 20 години.

И покрај првичните ветувања за поумерен став, талибанците постепено повторно наметнаа сурово толкување на исламскиот закон или шеријатот, како што правеа за време на нивното претходно владеење со Авганистан од 1996 до 2001 година, пишува АП.