42-годишна жена е уапсена во Јужна Кореја под обвинение за убиство на две деца чии тела биле пронајдени во куфери купени на аукција во Нов Зеланд во август.
Посмртните останки на двете мали деца, на возраст од околу пет и 10 години, биле криени во куфери неколку години пред семејството од Окленд да го купи багажот на онлајн аукција.
Семејството дури подоцна ги прегледало купените предмети, а штом виделе што има во куферите се јавиле во полиција, објави Индекс.хр.
Кон крајот на август, полицијата соопшти дека идентификувала жена за која се верува дека е член на семејството на децата чии останки биле пронајдени во куферот.
Станува збор за Новозеланѓанка родена во Јужна Кореја, која во таа земја пристигнала во 2018 година.
Нов Зеланд бара екстрадиција
Полицијата на Нов Зеланд побара налог за апсење на Јужнокорејка и нејзина екстрадиција во Нов Зеланд.
Јужнокорејските власти соопштија дека жената била уапсена во стан во градот Улсан.
Додека полицајците ја изнесувале од зградата таа си го покрила лицето со качулка.
Судот во Сеул во рок од два месеци ќе одлучи дали ќе ја екстрадира на Нов Зеланд, чии власти побараа жената да остане во јужнокорејски притвор додека не заврши процесот на екстрадиција, објави Index.hr.