Полска сака да ги подигне односите со Велика Британија на највисоко можно ниво, пред сè во областа на одбраната од Русија, изјави денес полскиот премиер Доналд Туск пред да замине за Лондон, каде што двете земји ќе потпишат нов договор за одбрана и безбедност за зајакнување на соработката во услови на растечки безбедносни закани во Европа.
Во исто време, британската влада објави дека новиот договор ќе придонесе за заштита на британските граници, борба против организираниот криминал, зајакнување на колективната одбрана и продлабочување на соработката со Европската Унија.
Во соопштението на британската влада се вели дека двете земји ќе ја споделат својата експертиза и ќе ги координираат одговорите за справување со растечките закани.
Договорот се темели на напорите на британската влада за зајакнување на односите со Европа и подобрување на соработката со Европската Унија во областа на безбедноста и економијата, по сличните договори што Лондон веќе ги постигна со Франција и Германија.
Според соопштението за медиумите, британскиот премиер Кир Стармер изјави дека Велика Британија и Полска се веќе блиски сојузници и пријатели, но дека сегашните предизвици во Европа бараат уште посилно партнерство.
„Ова е најголемиот чекор напред во односите меѓу Велика Британија и Полска во одбраната и безбедноста во последната генерација“, рече Стармер.
Се очекува договорот да овозможи поинтензивна соработка во развојот и производството на оружје од новата генерација, вклучувајќи системи за противвоздушна и противракетна одбрана, како и заедничко производство на ракети со среден дострел за воздушна одбрана.
Според соопштението од британската влада, планирано е и зајакнување на соработката во областа на беспилотните системи за дополнително зајакнување на источното крило на НАТО, преку заеднички воени вежби и развој на капацитети во областите на борба против беспилотни летала, електронско војување и примена на нови технологии.
Велика Британија и Полска, исто така, имаат намера да ја подобрат соработката во борбата против кибер заканите и дезинформативните кампањи, преку размена на разузнавачки податоци и координирани одговори на активностите на непријателските државни актери.
Според британската влада, планот предвидува поинтензивна размена на разузнавачки податоци, борба против мрежите на шверцери и злоупотребата на социјалните мрежи, како и примена на напредни технологии за надзор и заштита на границите, пренесува Танјуг.

