Три лица загинаа во американските напади на иранскиот остров Кешм, во близина на Ормутскиот теснец, објавија иранските државни медиуми.
Според извештаите на иранските медиуми, експлозии се слушнале во областа на островот, а еден од американските напади погодил станбена област.
Американската армија не ги коментираше веднаш наводите за загинатите, а претходно постојано изјави дека не е насочена кон цивилното население, пренесува Ројтерс.
Централната команда на американската војска (CENTCOM) соопшти дека американските сили погодиле десетици цели, вклучувајќи воени командни центри, ракетни и беспилотни летала, крајбрежни позиции за надзор и одбрана и поморски објекти.
Во меѓувреме, британската компанија за поморска безбедност „Амбреј“ соопшти дека дрон погодил танкер за складирање гас во сопственост на американска компанија во египетското медитеранско пристаниште Дамиета.
Египетското Министерство за нафта потврди дека избувнал пожар во пристаништето, но во соопштението не наведе дека станува збор за напад со беспилотни летала.
Според извори запознаени со инцидентот, дронот удрил во пловечки танкер за складирање гас, по што пожарот се проширил на друг брод. Засега не е познато кој е одговорен за нападот.
Инцидентот се случил кратко откако Иран започна ракетен напад врз американските сили во Јордан, додека САД и Саудиска Арабија нападнаа паравоени групи поддржани од Иран во Ирак.
Јорданските вооружени сили објавија дека пресретнале пет ракети истрелани од Иран, објави јорданската државна новинска агенција.

