Три лица, меѓу кои и едно дете, се повредени во експлозија на автомобил во југозападниот дел на Москва, соопшти денеска московскиот оддел на Истражниот комитет на Русија и потврди дека е отворена истрага за обид за убиство.
Жртвите се пренесени во градските здравствени установи, се наведува во соопштението на Истражниот комитет, пренесува агенцијата Интерфакс.
Инспектори и криминолозите на Истражниот комитет, заедно со оперативните служби, вршат увид на местото на инцидентот и во наредниот период ќе се знае повеќе за видот на експлозивот и здравствената состојба на повредените, изјавија од Истражниот комитет. објави Русија.
Претходно локалните медиуми објавија дека рачно изработена направа поставена меѓу хаубата и шофершајбната на возило експлодирала на улицата „Профсојузнајска“, при што биле повредени три лица, меѓу кои и едно дете.
Полицијата за агенцијата Интерфакс потврдила дека една од жртвите е Виктор Мишачев, бизнисмен кој е шеф или косопственик на десетици кафулиња и ресторани во Москва, Санкт Петербург, Татарстан, Свердловск и Новосибирск, пренесува Танјуг.