Москва се уште чека сериозна понуда за почеток на преговори за Украина, изјави рускиот заменик-министер за надворешни работи Михаил Галузин откако американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека верува оти Вашингтон напредува во разговорите за ставање крај на војната во Украина.
„Важно е зборовите да бидат проследени со конкретни чекори кои ги почитуваат легитимните интереси на Русија, демонстрираат подготвеност да се елиминираат основните причини за кризата и да се признаат новите реалности“, рече Галузин за државната новинска агенција РИА.
Тој додаде дека „конкретни предлози од тој карактер се уште не пристигнале“.
Во последните денови, Вашингтон и Москва испраќаат спротивставени или претпазливи пораки во врска со можните разговори меѓу Трамп и рускиот претседател Владимир Путин за ставање крај на војната, која Москва ја започна пред речиси три години.
Трамп во текот на викендот рече дека разговарал со Путин и дека очекува повеќе разговори.
„Верувам дека напредуваме“, рече Трамп, додавајќи дека сака да ја запре војната.
Трамп најави средби со Путин и Зеленски
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, вчера за ТАСС изјави дека „се појавуваат многу различни информации“ за можните разговори меѓу Трамп и Путин и дека не е сигурен дека ги знае сите детали.
„Затоа, во овој случај, не можам ниту да ги потврдам, ниту да ги демантирам овие тврдења“, рече Песков, одговарајќи на прашања на новинарите.
Трамп постојано повторува дека сака да стави крај на војната и дека е подготвен да се сретне со Путин за да разговара за решение.
Тој исто така рече дека ќе се сретне со украинскиот претседател Володимир Зеленски „во соодветно време“.
Минатиот петок Трамп објави дека најверојатно ќе се сретне со Зеленски оваа недела за да разговара за начините за запирање на војната.
Путин верува дека војната, која влегува во третата година на 24 февруари, е клучна за опстанокот на Русија.
Од друга страна, Киев и неговите западни сојузници го гледаат конфликтот како неоправдана агресија и обид за територијално освојување во колонијален стил.
Зеленски изјави за Ројтерс дека Украина сака да им понуди на САД ретки минерали и други ресурси во замена за финансиска поддршка за воените напори.
Тој нагласи дека отстапување територија на Русија не доаѓа предвид и дека негов приоритет е интеграцијата на Украина во НАТО.
Кремљ и Зеленски поставија услови за преговори
Во изјава за РИА, Галузин нагласи дека Москва е отворена за дијалог за Украина, но дека ги задржува своите услови: забрана за натамошно проширување на НАТО и заштита на правата на руското население во Украина.
„Планот на Доналд Трамп за брзо решавање на конфликтот во Украина не само што мора да ја запре војната, туку и да гарантира дека руската агресија никогаш повеќе не може да се повтори“, рече Зеленски во интервјуто.
Тој исто така нагласи дека Украина не сака повторување на неуспешните мировни преговори од периодот пред руската инвазија во 2022 година. Според него клучни се безбедносните гаранции.
„Замрзнатиот конфликт ќе доведе до нова агресија одново и одново. Кој ќе остане запаметен како победник тогаш? Никој. Тоа би било апсолутен пораз за сите – за нас, што е најважно, и за Трамп“, изјави Зеленски за британската телевизија ITV.
Тој додаде дека е подготвен за секаков формат на преговори, но под услов САД и Европа да дадат поддршка и да обезбедат безбедносни гаранции.