Иако за многу од текстилните фабрики минатата година беше исклучително тешка, при што Државниот завод за статистика забележа дека производството на облека е намалено за 11,3 проценти, а на облека за 9,9% во однос на 2020 година, анализата што ја направи порталот „Пари“ во соработка со БизнисМрежа.мк, покажува дека кај најголемите комапнии се вртеле приходи од по повеќе десетици милиони евра, дека најголемата „Комфи ангел“ имала раст на прометот, но пад на добивката, како и дека најмногу и се посреќило на компанијата „Декор текстил“.
Но, како што може да се забележи, компаниите со најголеми приходи, всушност не произведуваат класична облека, туку тие произведуваат постелнина, навлаки за автомобилската индустрија, или специфичен индустриски текстил.
„ДЕКОР ТЕКСТИЛ“ СО НАЈГОЛЕМ СКОК
Вкупниот промет (приход) што го направиле петте најголеми компании во текстилниот сектор бил 119,7 милиони евра, а на врвот е „Комфи ангел“ , компанија која беше прва на листата по приходи и во минатата година. Оваа компанија лани остварила приход од 38,7 милиони евра, што е раст во однос на 2020 година кога имала 32,1 милион евра. „Комфи Ангел‟ е македонско-британска компанија основана во август 2004 година во Прилеп. Специјализирана е за производство на перници, јоргани, прекривки, заштитници за душеци, вреќи за спиење, постелнина во различни дезени и од различни материјали. Сопственичка на компанијата е Ирена Јакимовска, која е и член на Управниот одбор на Стопанската компра на Северна Македонија. Компанијата е присутна на пазарите на 30 земји.
На втората позиција, со приход од 22,9 милиони евра, минатата година изби „Декор текстил“ од Гостивар која во 2020 година имаше приходи кои и ја обезбедија 8-та позиција на листата на најголемите компании по приход. Компанијата бележи зналителен напредок во последните години трансформирајќи се од загубар во добитник. Во 2019 година имала загуба од 24.900 евра, во 2020 имала добивка од 30.836 евра, а ланската добивка и била дури 1,5 милиони евра! Компанијата го зголемила и бројот на вработени од 8 во 2020 година на 30 во 2021 година.
Во првите 5 компании од текстилниот сектор по приходи влегуваат и двете компании на „Адиент“ (поранешна “Џонсон контролс“) – „Адиент сеатинг ДОЕЛ“ од Штип и „Адиент аутомотиве ДООЕЛ“ од Струмица. Струмичката фирма произведува автомобилски седишта, а штипската ги произведува навлаките за автомобилските седишта. И двете компании се со добивки, но штипската е со значително намалена, за речиси 70%, додека падот на добивката кај струмичката е 8%.
Во првата петорка е и германската компанија “Техникал текстајл“ која отвори свој производствен погон во технолошко индустриската развојна зона во Штип во 2015 година. Нејзиното производство има примена во градежната, авионската и автомобилската и бродската индустрија.
Анализата може да ја преземете на следниот линк: https://pari.com.mk/