Конфликтите во Демократска Република Конго сериозно го попречуваат одговорот на епидемијата на ебола, предупреди директорот на Светската здравствена организација (СЗО) Тедрос Аданом Гебрејесус.
Тој рече дека источниот дел на земјата е во центарот на „катастрофален судир на болести и конфликти“, додека епидемијата во провинцијата Итури напредува побрзо од здравствениот одговор, пишува Би-Би-Си.
Во објавата на платформата X, тој изјави дека СЗО „не може да изгради доверба во заедницата или да ги изолира заразените додека паѓаат бомбите“.
Тедрос треба да пристигне во ДР Конго во среда за да води засилени напори за спречување на вирусот.
Од прогласувањето на епидемијата, регистрирани се 220 сомнителни смртни случаи.
Хуманитарните работници се соочуваат со големи проблеми поради лошите патишта, конфликтите и масовното раселување на населението, што дополнително го ослабува здравствениот систем.
Итури, каде што беа пријавени најголем број случаи, е под воена администрација од 2021 година поради активностите на бројни вооружени групи.
Тедрос предупреди дека запирањето на ширењето на инфекцијата „зависи целосно од хуманитарен пристап“.
„Тековните конфликти предизвикуваат масовно раселување на населението, туркајќи ги изложените контакти во пренатрупаните кампови и отсекувајќи ги клучните коридори за да се спречи епидемијата“, рече тој.
Тој додаде дека здравствените работници „ризикуваат сè“, додека нападите врз болниците и клиниките го оневозможуваат следењето на заразените и нивните контакти.
Поради страв од ширење на вирусот, Канада, Бахамите и САД воведоа строги ограничувања за патување на луѓето кои доаѓаат од ДР Конго, Уганда и Јужен Судан.
Здравствените власти соопштија дека околу 1.000 луѓе моментално покажуваат симптоми на ебола.
Оваа епидемија е предизвикана од редок тип на вирус Бундибугио, за кој нема вакцини или лекови.
Досега лабораториски се потврдени 17 смртни случаи, додека се истражуваат вкупно 220 пријавени смртни случаи.
Лекарите се обидуваат да следат околу 3.600 луѓе кои биле во контакт со заразените, додека во земјата веќе се испратени илјадници тестови и експериментални третмани.
Директорот на организацијата на Лекари без граници во ДР Конго, Евалд Стаалс, изјави за Би-Би-Си дека хуманитарните тимови се уште се далеку од целосна контрола на ситуацијата.
„Сè уште немаме целосна слика за тоа што се случува, најмногу поради недоволното тестирање“, рече Сталс. „Вирусот е сè уште пред нас и мораме да го достигнеме“, додаде тој.

