Средношколскиот пленум на град Куманово денеска излезе со соопштение во јавноста во кое информираат дека падот на системот за екстерно тестирање кој се случи вчера е уште еден показател за техничката неефикасност на овој проблем.
Жално е што надлежните се глуви при нашите обиди да укажеме на проблемите, меѓутоа ние ќе бидеме упорни и понатаму ќе се трудиме да биде чуен гласот на средношколците. Во најскоро време ќе оддржиме генерален состанок после кој што ќе следат конкретни активности – стои во реакцијата на пленумот.
Исто така пленумците информираат дека кампањата која албанските средни училишта ја започнале за барање реновирање на училишните згради е прекинато, поради ветувањата од страна на надлежното министерство.
Како што најавивме уште во декември 2015-та година интерните пленуми на албанските средни училишта започнаа со изработка на кампања која што требаше да укаже на екстремно лошите услови во средните училишта. Меѓутоа, во меѓувреме учениците добија неофицијално ветување дека во септември 2016 година ќе започне проект со кој бидат реновирани училишните згради. Затоа учениците ја стопираа изработата на својата кампања. Се надеваме дека ветувањето од страна на надлежните ќе биде исполнето и учениците конечно ќе учат во услови достојни за 21-от век – стои понатаму во реакцијата на Пленумот.
Средношколскиот пленум активно ќе ги следи состојбите во средното образование и ќе продолжи да врши притисок врз надлежните институции за негово подобрување, а во најскоро време пленумците ќе организираат и генерален состанок на кој ќе се утврдат понатамошните конкретни активности.