ВМРО-ДПМНЕ призна дека има купено огромен партиски имот низ цела Македонија. Станува збор за 63 објекти на различни локации со вкупна квадратура од близу 12.000 метри квадратни, во најголем дел купени во 2014 година, обвини на денешниот прес Петре Шилегов, партиски портпарол на СДСМ и пратеник во Собранието на РМ.
- Секогаш кога е фатена во криминал и сомнителни зделки ВМРО ДПМНЕ се обидува да избега од јавноста. Партијата не одговори на клучното прашање, колку чини овој огромен имот на ВМРО ДПМНЕ? Но, шилото на Никола Груевски повторно бодеше, бодеше и повторно проби. Ова е вистината: партискиот имот на ВМРО-ДПМНЕ, најголем дел купен во 2014 година, вреди над 11 милиони евра!!!
Тоа се над 685 милиони денари, за партиски простории на ВМРО-ДПМНЕ, додаде Шилегов, обвинувајќи дека додека граѓаните мака мачат со сиромаштијата, нискиот стандард и не можат да обезбедат кров над главата, ВМРО-ДПМНЕ се расфрла со милиони за своите партиски седишта.
- Во Центар, на плоштадот Пела во Скопје, ВМРО-ДПМНЕ купила имот вреден речиси половина милион евра. Во Битола, вредноста на партискиот имот на ВМРО-ДПМНЕ изнесува над 260 илјади евра. Во Влае, ВМРО-ДПМНЕ купила имот вреден над 230 илјади евра. Во Охрид, ВМРО-ДПМНЕ купила партиски имот вреден 200 илјади евра, во Кочани над 120 илјади евра, во Штип над 120 илјади евра, во Кавадарци над 100 илјади евра… Градежната вредност на партиското седиште на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје, споменикот над сите споменици на криминалот на Никола Груевски изнесува над 7 милиони евра.
Според Закон за политичките партии, се работи за непрофитабилни организации, изјави партискиот портпарол, потенцирајќи дека ова е уште една причина зошто Груевски го крши договорот и се плаши од враќањето на правдата.