Никола Крстевски, член на интерниот Средоншколски Пленум од Куманово, на денешната прес конференција одржана во СОУ Гимназија ”Гоце Делчев”, информираше за сите пропусти направени на тестовите за екстерно тестирање кое веќе петти ден се спроведува на ниво на сите основни и средни училишта во Македонија.
Според Крстевски, сите сомнежи за лошо спроведено тестирање се потврдени, поткрепено со фотографии постирани на фан страната на пленумот на социјалната мрежа Фејсбук.
– Сите активности на Средношколскиот Пленум ќе бидат ставени во мирување во текот на летото, додека во септември, ќе испратиме писмо до МОН, со две нови барања за концептот на државна матура и екстерно тестирање, заедно со сите потписи од спроведената петиција. Доколку МОН не ни излезе во пресрет, ќе спроведеме поголем бојкот од оној кој што беше спроведен досега, вели Крстевски.
Финансиските средства собрани од Средношколскиот Пленум за приклучување на Средношколскиот фронт во Скопје, кој настан беше одложен поради случувањата во Куманово, ќе бидат пренаменети во хуманитарни цели, вели Крстевски.