Шилегов: Груевски ја срами Македонија, проблемот со емигрантите ескалира (видео)

Сподели со своите пријатели

Бараме надлежните државни органи итно да донесат конкретни решенија за проблемот со емигрантите којшто ескалира во Република Македонија, изјави денес Петре Шилегов во изјава за медиуми по повод ситуацијата со бранот бегалци и мигранти од Блискиот Исток.

Loading...

Според СДСМ и Шилегов, најавените измени на Законот за азил не се решение.

– Ако се тргне од најновата ситуација, поради катастрофално лошите услови за живот на згрижените емигранти, власта на Груевски уште еднаш ја срами земјава во светот, со тоа што потврдува дека Македонија е држава којашто нема капацитет за заштита на основните човекови права, ниту за своите граѓани, ниту пак за странските државјани.

Укажуваме дека меѓу овие луѓе има и деца. Дел од нив се со здравствени проблеми. Ако се земат предвид високите температури и нехигиенските и нехуманите услови во Прифатниот центар во Гази Баба, коишто Народниот правобранител ги оцени како полоши од затворите, постојат закани по нивните животи како и закани за хуманитарна, здравствена криза, епидемии во Република Македонија.

Посочуваме и на безбедносните ризици коишто се присутни со месеци.

Границата на Република Македонија посебно последнава година е како швајцарско сирење. Ниедна институција нема реални бројки што можат да посочат на тоа кој `се влегува и излегува од нашата држава.

Проблемот со нелегалните емигранти во Република Македонија не е од вчера, не е последниов месец, не е ни последнава година. Само достапните официјални статистики на МВР покажуваат драстични зголемувања на бројката на нелегални емигранти, посебно од 2012 година наваму, а реалната ситуација е многу покритична.

СДСМ укажува дека власта нема контрола на границите на Република Македонија, што е исклучително сериозен проблем.  Досегашните информации покажуваат дека проблемот со емигрантите не е само хуманитарен и нелегално влезените луѓе не се само бегалци од кризни жаришта, туку станува збор и за криминал. Постојат официјални признанија од власта за шверц со луѓе, иако досега не слушнавме евиденции колку организирани групи или поединци се вклучени во криумчарењето мигранти. Јавноста не е запознаена како овие луѓе влегуваат во Македонија, која е нивната крајна дестинација и колкумина од нив остануваат во Македонија. Од оние што остануваат може да се претпостави дека дел се пасивни, но дел од нив може да се вклучени во непознати активности што можат да бидат заканувачки по безбедноста на граѓаните на Македонија.

Предупредуваме дека Македонија е потписник и на меѓународни конвенции за заштита на човековите права и дека дека власта е должна да ги третира хумано и човечки нелегалните емигранти, кои ако решат да ја тужат ќе им нанесат сериозни финансиски штети на граѓаните на Македонија. При тоа власта е должна и да ги заштити граѓаните на Република Македонија. Власта на Никола Груевски е должна да објасни зошто дозволи ескалација на проблемот со нелегалната миграција, изјави Шилегов.


Comments are closed, but trackbacks and pingbacks are open.