Северна Кореја денеска се закани со неодредена одмазда, откако САД во вторникот прелетаа бомбардери Б-1Б над Јужна Кореја за време на заедничката воена вежба со јужнокорејските сили.
Јужнокорејското Министерство за одбрана соопшти дека вежбата има за цел да ги демонстрира заедничките способности за одвраќање во светло на унапредувањето на нуклеарната програма на Северна Кореја, пренесе АП.
САД и Јужна Кореја редовно спроведуваат заеднички воени маневри кои ги опишуваат како одбранбени, додека Пјонгјанг овие активности ги смета за „подготовка за инвазија“.
„Неодамнешната воена акција на САД и Република Кореја е отворена закана за безбедноста на нашата земја и сериозна провокација што ги подига воените тензии во регионот на исклучително опасно ниво“, изјави неименуван портпарол на севернокорејското Министерство за одбрана, пренесоа државните медиуми.
Северна Кореја соопшти дека со силни средства ќе ги „одврати американските агресивни обиди“ и дека тоа ќе и наштети на безбедноста на самата Америка, пренесува Танјуг.
Американскиот претседател Доналд Трамп постојано го пофали неговиот личен однос со севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун.
Кон крајот на март, Трамп го нарече Ким „многу паметен човек“ и рече дека има комуникација меѓу двете земји, иако Пјонгјанг не одговори јавно и не се познати официјални разговори.