Општинската организација на СДСМ Куманово и локалниот огранок на ДУИ, ќе коалицираат во општинскиот совет. Претседателот на општинската организација Мартин Костовски и советникот од ДУИ, Фатмир Идризи денеска потпишаа Меморандум за соработка што ќе трае наредните четири години.
СДСМ на локалните избори освои 16 мандати, а ДУИ три, така што со мнозинство од 19 мандати во советот, сметаат потписниците, ќе се овозможи реализирање на проектите ветени на локалните избори.
На потпишувањето на меморандумот присуствуваше и градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски, во својство на член на СДСМ и имплементатор на одлуките што ќе бидат донесени на советот.
– Ќе работиме на унапредување и остварување на заложбите и програмските цели кои се ветени во кампањата за локалните избори и нормално, практицирање на власта со квалитетни кадровски решенија ќе направиме се, граѓаните да бидат задоволни од однесувањето од политиките на Колацијата на СДСМ и ДУИ, изјави Костовски.
Советникот од ДУИ, Идризи, рече дека ќе работат на остварување на ветеното во изборите, со цел поквалитен живот на граѓаните.
– Првенствено треба да се водиме од општите барања на граѓаните а потоа и од политичките барања, но она што е најбитно за јавноста е дека СДСМ и досега беше на локално ниво коалициски партнер со ДУИ и ќе продолжиме во позитивен тренд да даваме несебичен придонес за развој на Куманово во модерна и урбана целина, изјави Димитриевски.