Руски дронови убија две лица на граничниот премин со Молдавија

Сподели со своите пријатели

Две лица загинаа кога руски беспилотни летала го погодија граничниот премин меѓу Украина и Молдавија во јужниот регион Одеса синоќа, соопштија украинските власти, додавајќи дека цел на нападот бил и главниот град Киев.

Двајца цивили загинаа во близина на преминот Старокожаче, додека три лица се повредени, изјави регионалниот шеф Олег Кипер на Телеграм.

По нападот, кој предизвика голем пожар, преминувањето на патници и возила преку границата беше привремено прекинато, објавија официјални лица, пренесува Ројтерс.

Русија го нападна и Киев во текот на ноќта. Нападите предизвикаа пожари, но нема информации за жртви, објавија службите за итни случаи на Телеграм.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Силни руски напади врз Киев и Николаев

Градоначалникот Виталиј Кличко рано утрово извести за нападот со руски беспилотни летала врз 16-катната зграда, наведувајќи дека екипи за итни случаи се на местото на настанот.

Вчера Москва продолжи со речиси континуирани воздушни напади врз Киев, по кратка пауза за време на посетата на американските мировни преговарачи.

Официјалните лица вчера објавија дека пет лица загинале во главниот град на Украина.