Руската фрегата „Адмирал Горшков“ вплови во пристаништето Ричардс Беј во Јужна Африка за да учествува во трилатералната поморска вежба на Русија, Јужна Африка и Кина, соопшти денеска прес-службата на Северната флота на Русија.
„Персоналот на Северната флота ќе учествува на прославата на Денот на вооружените сили на Јужноафриканската Република и ќе одржи трилатерална поморска вежба со нејзината морнарица и морнарицата на Народноослободителната војска на Кина“, соопшти прес-службата, пренесува Тас.
Како што е наведено, трилатералните вежби ќе се фокусираат на борбата против заканите за поморската безбедност и демонстрацијата на подготвеноста на флотите заеднички да го одржуваат регионалниот мир и стабилност.
Командантот на руската морнарица, адмирал Николај Евменов, кој во вторник пристигна во Јужна Африка, ќе го посети рускиот воен брод во пристаништето Ричардс Беј.
Претходно, Министерството за одбрана на Јужна Африка објави дека активната фаза на вежбата ќе започне на 25 февруари.
Маневрите ќе се одржуваат до 27 февруари во близина на брегот на јужноафриканската провинција КваЗулу-Натал во областа помеѓу пристанишниот град Дурбан – главната база на јужноафриканската морнарица во Индискиот океан – и заливот Ричардс.
Русија на вежбите ја претставуваат фрегатата „Адмирал Горшков“ и поморскиот танкер Кама, Кина со разурнувач, фрегата и помошен брод, а Јужна Африка со една фрегата и два помошни брода.
Тоа ќе биде втора трилатерална вежба на трите членки на БРИКС. Претходниот беше одржан во близина на Кејп Таун во југозападниот дел на Јужна Африка во водите на Атлантскиот Океан во ноември 2019 година, според Тас.