Според православниот календар на МПЦ, денес верниците го слават денот посветен на св. Петка, заштитничка на жените и светица која помагала на болните и на сиромашните.
Св. Петка (позната и како Св. Параскева и како Мајка Параскева) е светица од градот Епиват, кој се наоѓал меѓу Силинаврија и Цариград. Таа била родена кон крајот на 10 век, во петок, денот кога Евреите се подготвуваат за празнување на празникот Сабат (сабота). Затоа, нејзе ѝ го дале името Параскева, што значи „подготовка“. Родителите ѝ биле богати христијани од словенско потекло, а освен Петка, имале и еден син, Ефтимиј, кој за време на животот се замонашил и подоцна станал епископ Малитски.
На иконите на кои е прикажана оваа светица, најчесто стои натписот: „Верувам во еден, единствен Бог и во Светото тројство“. Еден од обичаите кои се практикуваат на празникто на св. Петка е „петолебие“, кога луѓето носат пет лепчиња во црквата, во спомен на настанот од Библијата, кога Исус Христос со пет леба нахранил 5.000 луѓе. Притоа, петте лепчиња се осветуваат, при што едно му се дава на верникот, а четири остануваат во црквата.
Нејзините чудотворни мошти низ вековите биле пренесувани: во Цариград, во Велико Трново (Бугариjа), па пак во Цариград, па во Белград. Сега, тие се наоѓаат во Романија, во градот Јаши. Во Белград постои вода (агијазма) на Света Петка, којашто чудотворно ги лечи сите болни што и притекнуваат со вера кон светителката. Во Скопје, во населбата Црниче, постои црква посветена на оваа светица.