По оставката на Тереза Меј која не беше во состојба да го реши проблемот со Брегзит, на местото премиер на Велика Британија дојде Борис Џонсон кој вети дека до 31 октомври ќе ја изведе земјата од Европската унија „со договор или без“.
И додека Британија продолжува да се подготвува за потенцијален Брегзит без договор, постои една работа која особено ги загрижува Британците, а тоа е тоалетната хартија.
Корисниците на социјалните медиуми масовно објавуваат фотографии со огромни залихи тоалетна хартија која ја набавиле, во страв дека таквиот „луксуз“ нема да го пронајдат во продавниците по 31 октомври.
Маслото на оган го долеал шефот на една фабрика која произведува тоалетна хартија, со изјавата дека Британците имаат причина за загриженост затоа што празните полици во супермаркетите би можеле да станат реалност доколку дојде до непредвидени случувања со ланецот на снабдување.
Курам Икбал, генерален директор на компанијата, рекол за Метро дека само неколку недели доцнење со испораката може да направи проблем.
– Со оглед на тоа колку Британија силно е зависна од увозот на главната суровина потребна за производство на тоалетна хартија и кујнски ролни, природно е купувачите да се загрижени и да прават залихи за секој случај. Иако за сега нема недостаток, секој период на прекин на испораката кој би траел повеќе од недела дена би оставил големи маки за добавувачите. Долготрајното попречување би можело да доведе до празни полици во продавниците, рекол тој.
Инаку Британија е најголем увозник на тоалетна хартија во Европа, а годишно се користат 1,3 милиони материјали потребни за правење на истата, при што се увезуваат околу 1,1 милион, соопштија Конфедерацијата за хартиена индустрија.
Еден од загрижените е и Џонатан Роб од Чешир кој својата гаража ја користи за собирање годишна залиха со тоалетна хартија.
– Својата гаража ја нарековме апокалиптичен остров. Набавуваме залихи поради несигурноста што ќе имаме по Брегзит, ашто не. Ако дојде до недостаток, не мора масовно да трчаме за одредени произовид и да ги плаќаме неколку пати поскапо, рекол тој