Полска го затвора граничниот премин со Белорусија

Сподели со своите пријатели

Полскиот министер за внатрешни работи Мариуш Камински најави дека земјата ќе го затвори клучниот граничен премин со Белорусија до дополнително известување.

Loading...

Веќе заладените односи меѓу Полска и Белорусија дополнително се влошија кога судот во Минск осуди новинар со полско потекло на осум години затвор, во процес за кој Варшава тврди дека е политички мотивиран, пренесува Ројтерс.

Камински рече дека поради затворањето на новинарот Анджеј Почобут, ќе поднесе барање за додавање на лица поврзани со претседателот на Белорусија Александар Лукашенко на списоците со санкции.

„Поради важниот интерес на државната безбедност, одлучив да го прекинам сообраќајот на полско-белорускиот граничен премин Бобровники од 12:00 часот на 10 февруари оваа година до понатамошно известување“, напиша Камински на Твитер.

Антон Бичковски, портпарол на Белоруската државна гранична служба, рече дека потегот е неоправдан и може да доведе до преоптоварување на преостанатите премини.

Бобровники, кој се наоѓа на околу 200 километри североисточно од Варшава, е еден од главните премини меѓу Полска и Белорусија.