Македонскиот пејач, композитор и текстописец Владо Јаневски почина вечерва на 66-годишна возраст, по кратко боледување, на една од скопските клиники, објавија повеќе македонски медиуми.
Јаневски важеше за едно од најпрепознатливите и највлијателни имиња на македонската поп-музика.
Роден е на 27 ноември 1960 година во Скопје. Дипломирал на Филолошкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, на Катедрата за англиски јазик и книжевност. Покрај успешната соло кариера, беше член и на музичките групи „Тост сендвич“, „Бон Тон“, „Фотомодел“ и „Ластовица“, а свиреше клавир, гитара и тапани.
Посебно место во неговата кариера има 1998 година, кога стана првиот официјален претставник на Македонија на Изборот за песна на Евровизија.
Во британскиот град Бирмингем настапи со песната „Не зори зоро“, со што испиша значајно поглавје во историјата на македонската музика.
Во текот на кариерата настапуваше на бројни домашни и меѓународни фестивали, меѓу кои Југовизија во Белград, „Славјански базар“ во Белорусија, како и фестивали во Турција, Ирска и Египет.
Зад себе остави шест студиски албуми и хитови.
Со неговото заминување, Македонија изгуби еден од своите најзначајни музички автори и изведувачи, чиј опус ќе остане трајно врежан во историјата на македонската забавна музика.

