Пезешкијан: Иран е за примирје, но сепак е внимателен кон САД

Сподели со своите пријатели

Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан во понеделникот повика да се искористат сите можни начини за намалување на тензиите со САД, но додаде дека претпазливоста и недовербата на Техеран кон Вашингтон е „непобитна потреба“, објави државната новинска агенција ИРНА. Двонеделниот прекин на огнот меѓу Иран и САД истекува во среда.

Американските претставници во понеделник треба да пристигнат во Исламабад на разговори, но Техеран се уште официјално не потврдил дали ќе испрати своја делегација во пакистанската престолнина.

Иранската државна телевизија цитираше неименуван извор кој вели дека втората рунда разговори не е на картата поради „прекумерните и ирационални“ барања на САД и нивните променливи позиции.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Поддршката за Трамп е на најниско ниво во вториот мандат

Двете страни се длабоко спротивставени околу Ормутскиот теснец.

Иран ја зголеми контролата на сообраќајот низ тој клучен поморски премин, а САД продолжуваат да ги блокираат иранските пристаништа и во неделата запленија брод што се обиде да навлезе во него.

Двете страни меѓусебно се обвинуваат за прекршување на примирјето.

Пезешкијан рече дека блокадата на САД докажува дека Вашингтон има тенденција да „ги повторува старите обрасци и да ја предаде дипломатијата“, објави државната телевизија.

Истовремено, иранскиот амбасадор во Москва за рускиот весник „Ведомости“ изјави дека Иран обезбедува безбедно поминување на бродовите низ Ормутскиот Теснец според новиот правен режим.

Амбасадорот Казем Џалали смета дека американско-израелските напади врз неговата земја пропаднале бидејќи нивната намера била да го сменат режимот, но Исламската Република денес е пообединета отколку порано.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Иран погуби двајца мажи поради поврзаност со Мосад

„Иран ја гарантира безбедноста на преминот. Врз основа на безбедносните мерки и правниот режим во Ормутскиот Теснец, бродовите и пловилата можат непречено да минуваат“, рече амбасадорот.