Дупката во озонската обвивка на Земјата, која се сметаше за најголема еколошка закана со која се соочува човештвото, треба целосно да исчезне во поголемиот дел од светот во рок од две децении благодарение на решителната акција на владите на земјите во светот за постепено укинување на супстанциите кои ја оштетуваат озонската обвивка, покажа најновото истражување спроведено од ОН.
Губењето на озонската обвивка, која ги изложува луѓето на штетните ултравиолетови зраци на сонцето, е на пат целосно да се опорави до 2040 година во светот, освен во поларните региони, се вели во извештајот.
На Јужниот и Северниот Пол ќе им треба малку подолго – озонската обвивка нема целосно да се опорави до 2045 година над Арктикот и до 2066 година над Антарктикот.
По алармите за губење на озонот во 1980-тите, озонската обвивка постојано се подобрува од Монтреалскиот протокол од 1989 година, меѓународен договор кој помогна да се елиминираат 99 отсто од хемикалиите што ја осиромашуваат озонот, како што се хлорофлуоројаглеродите (CFC) кои се користат како растворувачи и ладилни средства.
„Акцијата за озонот претставува преседан за климатските активности“, рече Петри Таалас, генерален секретар на Светската метеоролошка организација, која го презентираше извештајот за напредокот на секои четири години во понеделник.
„Нашиот успех во постепеното отстранување на хемикалиите што го уништуваат озонот ни покажува што може и мора да се направи итно за премин од фосилни горива, намалување на стакленички гасови и со тоа ограничување на порастот на температурата“, додаде тој.
Уникатниот глобален одговор на овој проблем значи дека Договорот од Монтреал треба да се смета за „најуспешен еколошки договор во историјата и нуди поттик за земјите од светот да се здружат и да одлучат за исходот и да дејствуваат по него“, според Дејвид Фахи, научник од Националната администрација за океани и атмосфера, кој е главниот автор на новата студија.
Најновиот извештај за напредокот на ОН е првиот што го разгледува потенцијалното влијание на сончевиот геоинженеринг врз озонската обвивка, предложена климатска интервенција во која рефлектирачките честички како сулфурот масовно се прскаат во атмосферата за да се одврати сончевата светлина и со тоа да се намали глобалното затоплување.
Контроверзната практика, која американската влада сака да ја истражи, има потенцијал да ги намали глобалните температури, но може да има „ненамерни последици, вклучително и ефекти врз озонот“, се вели во извештајот.
Фахеј рече дека додавањето големи количини на сулфур во стратосферата може да го намали озонот, иако веројатно за помалку од 10 проценти и нема да предизвика „колапс“ на озонската обвивка.
„Овој тип на климатски интервенции е чувствителна тема бидејќи е сложена сплетка на етика и управување, а не само наука“, заклучи тој.