Опозицијата во Венецуела: Гонзалес освои 70 отсто од гласовите на претседателските избори

Сподели со своите пријатели

Лидерот на опозицијата во Венецуела, Марија Корина Мачадо, тврди дека опозицискиот кандидат Едмундо Гонзалес освоил 70 отсто од гласовите на претседателските избори во таа земја.

Loading...

Нејзината изјава дојде откако Националниот изборен совет на Венецуела објави дека, врз основа на резултатите од обработените 80 отсто од избирачките места, актуелниот венецуелски претседател Николас Мадуро освоил 51,2 отсто од гласовите и победил на претседателските избори во неделата, обезбедувајќи трет мандат.

Неговиот противкандидат, опозицискиот претставник Едмундо Гонзалес Урутија, според податоците на изборната комисија, освоил 44,2 отсто од гласовите.

Опозициските претставници рекоа дека податоците што ги собрале од нивните претставници на изборите во 30 отсто од избирачките центри покажуваат дека Гонзалес го победил Мадуро.

„Резултатите не можат да се сокријат. Земјата мирно избра промени“, напиша Гонзалес на мрежата Х пред да бидат објавени резултатите на изборната комисија, објави Скај њуз.

Во Венецуела вчера се одржаа претседателски избори, а противници на Мадуро беа опозицискиот претставник Едмундо Гонзалес Урутија и уште осум кандидати, пренесува Танјуг.