Обединетите нации (ОН) денеска објавија дека документирале повеќе од 1.600 случаи на кршење на човековите права во Авганистан при апсење и притворање на луѓе.
Ова се наведува во новиот извештај на мисијата на ОН во Авганистан, кој го опфаќа периодот од јануари 2022 година до крајот на јули 2023 година, со случаи документирани во 29 од 34 авганистански провинции.
ОН ги повикаа талибанците да престанат со тортурата и да ги заштитат правата на затворениците.
Околу 50 отсто од прекршувањата се тортура и други „сурово, нечовечко и понижувачко однесување“, соопшти мисијата на ОН во Авганистан.
Околу 11 отсто од случаите се жени.
Затворениците биле тепани, гушени, врзани да висат од таванот и мачени со електрошокови со цел да се изнуди признание или некоја информација.
Случаите кои не се сметаа за доволно веродостојни не се вклучени во извештајот, се вели во соопштението.
„Овој извештај сугерира дека тортурата исто така се користи како алатка наместо ефективни истраги. Ги повикувам сите релевантни актери на власт да воведат конкретни мерки за да се запрат овие злоупотреби и да се повикаат на одговорност сторителите“, рече високиот комесар на ОН за човекови права Волкер Турк.