Единаесет години како Зоран Дамјановски е градоначалник на Куманово и 11 години Куманово се дави во смет и нечистотија, обвинија денес од ОК на ВМРО ДПМНЕ Куманово на прес конференцијата која се одржа во нас. Перо Чичо, во близина на надвозникот кај маркетот Туш.
Единаесет години Зоран Дамјановски не може и не сака да го реши проблемот со нечистотијата во Куманово и неисчистените улици и дивите депонии лоцирани во разни делови на општината претставуваат секојдневна слика за нашиот град, обвини Валентина Јовановска, советник од редовите на ОК на ВМРО ДПМНЕ Куманово.
– Единаесет години се изнаслушавме од Дамјановски лажни ветувања дека ќе го реши проблемот со дивите депонии и нечистотијата во градот, за да и по 11 години, Куманово се дави во смет, а Дамјановски без ниту малку срам продолжува со своите 11 – годишни неисполнети ветувања, вели Јовановска.
Според Јовановска, оваа депонија е само една од депониите во Куманово кои ја создаваат негативната слика за градот, а истовремено се и сериозно жариште за заразни болести.
– Оваа депонија тука е пример за неисполнетите ветувања на Дамјановски, за неговата негрижа кон Куманово и граѓаните на нашиот град и за неговата негрижа кон животната средина во Куманово. Тука на ова место стана пракса Дамјановски да се појавува еднаш годишно за да потсети на неговите 11 годишни неисполнети ветувања и да ја повтори лагата дека конечно ќе се решел проблемот, вели Јовановска.
Наместо трајно решавање на проблемот со дивите депонии и нечистотијата во градот, според ОК ВМРО ДПМНЕ Куманово, Дамјановски се обидува со една акција за чистење во годината да прикаже дека е посветен на решавање на овој сериозен проблем.
– Граѓаните на Куманово секој месец плаќаат за собирање на смет и чистење на градот и според тоа е потребно Зоран Дамјановски и неговите соработници во јавните претпријатија да организираат постојано да се собира сметот во градот и постојано да се чистат улиците, а не еднаш во годината како што тоа го прават, истакна Јовановска.
Со ваквиот начин на работа Дамјановски и неговите соработници, според ОК на ВМРО ДПМНЕ Куманово потврдуваат дека во нивната работа проблемите на граѓаните не се приоритет,и дека ветувањата што ги даваат пред граѓаните се само за политичка манипулација и дека око не им трепнува за нечистотијата во која се дави Куманово.