Шефот на италијанската Коза Ностра, Матео Месина Денаро е уапсен во Палермо по 30 години криење, а полицијата ги објави првите фотографии од мафијашкиот бос од кој се плашеше цела Италија.
Во акцијата за апсење учествувале карабинерите, како и припадниците на специјалните единици на италијанската полиција.
Денаро бил уапсен во приватна клиника, каде дошол да ја прими потребната терапија.
Тој е во бегство од 1993 година, а во отсуство беше осуден на доживотен затвор за неговата улога во убиствата на судиите Џовани Фалконе и Паоло Борселино во 1992 година.
Тој исто така се соочува со доживотен затвор за неговата улога во бомбашките напади во Фиренца, Рим и Милано во кои загинаа 10 луѓе следната година.
Денаро, познат и по прекарот „Дијаболик“, во една прилика наводно рекол „ги наполнив гробиштата, сам“.
Во август 2021 година, италијанската јавна ТВ станица Раи објави снимка од март 1993 година на која Денаро првпат беше идентификуван за време на судењето каде што беше повикан да сведочи.
По неколку недели шефот на Коза Ностра побегнал и оттогаш не е виден до денес.