Њу Делхи ги затвора училиштата поради загадениот воздух

Сподели со своите пријатели

Основните училишта во Њу Делхи ќе бидат затворени од сабота, а се размислува и за ограничување на патниот сообраќај, бидејќи нивото на загаденост на воздухот во главниот град на Индија е сѐ уште високо, соопштија денеска властите.

Loading...

Концентрацијата на честичките ПМ 2,5 што се таложат во белите дробови во Њу Делхи е далеку повисока од безбедносните упатства на Светската здравствена организација (СЗО), при што бројките се забележани во повеќето мерни станици блиску до или над 400, што е во категоријата „сериозно“ или „опасно“ загадување, пренесува Ројтерс.

„Од утре ги затвораме сите основни училишта во Њу Делхи. Ги откажуваме и училишните активности на отворено“, соопшти ресорното министерство на прес-конференција, напоменувајќи дека се размислува за ограничувања на патниот сообраќај поради загадувањето.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Наставниците во Тенеси ќе можат да носат оружје на училиште

Одлуката за затворање на некои училишта дојде откако загрижените родители и еколозите се огласија на социјалните мрежи за да ги повикаат властите да размислат за влијанието на загадувањето врз децата.

Официјални лица во Ноида, предградие на Њу Делхи, во четвртокот им наредија на сите училишта да одржуваат онлајн часови за ученици до осмо одделение.

Њу Делхи е град со околу 20 милиони жители и најзагаден главен град во светот.

Секоја зима е обвиткан со смог бидејќи студениот, тежок воздух ја заробува градежната прашина, емисиите од возила и чадот од запалените остатоци од земјоделските култури во соседните држави Харајана и Пенџаб пред новите сеидби, забележува Ројтерс.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Кина испраќа тројца астронаути во вселенската станица како дел од програмата на Месечината