Во текот на денешниот ден под влијание на влажна воздушна маса од запад се очекуваат врнежи од дожд кои најпрво ќе започнат од западните делови на земјата за потоа во попладневните часови да преминат на исток и да ја покријат целата територија Република Македонија, велат од Секторот за хидрологија при Управата за хидрометеоролошки работи.
Водостоите на реките моментално се во границите на просечните вредности за овој период од годината но во изминатите денови имаше повремени и слаби врнежи од дожд кои придонесоа за извесно зголемување на влажноста на почвата. Според прогнозата на синоптичарите на некои места се најавуваат количини на врнежи од над 20 l/m2 што дополнително ќе ја зголеми влажноста на земјата и ќе го подигне нивото како на подземните води така и на површинските речни текови. Речните корита имаат простор за примање на водата но се очекува нивно полнење во текот на денешниот ден. Зголемување на водостојот ќе има на сите водотеци во земјава а посочуваме со внимание да бидат следени реките во источниот дел односно сливните подрачја на р.Крива, р.Кумановска и р.Струмица. Исто така се очекува и полнење на акумулацијата Калиманци така што можен е висок водостој и во сливот на р.Брегалница.
Доколку на некои места врнежите бидат со поголем интензитет не е исклучена можноста за побрза реакција на малите речни сливови и суводолици. Исто така, во населените градски урбани средини каде поради неможноста за впивање на водата (асфалтираните улици и бетонот кои се непропусни) и на места каде има проблеми со атмосферската канализациона мрежа можно е брзо формирање на истекувањето. Препорачуваме да се следи состојбата на сите оние места каде поради природни или вештачки причини има стеснување на напречниот пресек и намалување на пропусноста на реките како и на местата каде има градби во пониските делови од речните корита.