Мексиканските власти почнаа да градат огромни шаторски засолништа во градот Сиудад Хуарез за да се подготват за можен прилив на Мексиканци, поради најавите на американскиот претседател Доналд Трамп за масовни депортации, пренесува Бета, повикувајќи се на Ројтерс.
Овие привремени засолништа ќе имаат капацитет да примат неколку илјади луѓе и треба да бидат готови за неколку дена, изјави општинскиот функционер Енрике Ликон.
„Мексико те прегрнува“
Шаторите во тој град се дел од планот на мексиканската влада да подготви засолништа и прифатни центри во девет градови низ северниот дел на Мексико, јавуваат агенциите.
Властите на депортираните Мексиканци на овие локации ќе им обезбедат храна, привремено сместување, медицинска нега и помош при добивање лични документи, се вели во владиниот документ во кој се наведува стратегијата наречена „Мексико ве прегрнува“.
Владата, исто така, подготвува голем број автобуси за превоз на Мексиканците од прифатните центри назад во нивните родни места.
Пет милиони мигранти
Трамп вети дека ќе ја изврши најголемата депортација во историјата на САД и дека милиони имигранти ќе бидат протерани.
Операција од тој размер, сепак, веројатно би траела со години и би била многу скапа.
Речиси пет милиони Мексиканци живеат во САД без дозвола, според анализата на мексиканскиот тинк-тенк El Colegio de la Frontera Norte, врз основа на податоците од неодамнешниот попис на населението во САД.
Многумина избегаа од централно и јужно Мексико, кое е погодено од насилство од банди и сиромаштија.
Мексиканската влада тврди дека е подготвена за можни масовни депортации, но групите за заштита на мигрантите се скептични, плашејќи се дека комбинацијата на масовни депортации и мерките на Трамп за спречување на мигрантите да влезат во САД, може брзо да ги совлада мексиканските погранични градови, пишува Ројтерс.