Двајца од четворицата Американци киднапирани во Мексико минатата недела се мртви, а двајца се живи и се вратиле во САД, објавија синоќа мексиканските и американските власти.
Четворица американски државјани беа киднапирани од вооружени мажи на 3 март при влегување во градот Матаморос во североисточната мексиканска држава Тамаулипас, преку границата со САД во близина на Тексас, јавува Би-Би-Си.
Таму отишле на естетска операција, изјавиле нивните роднини за американските медиуми.
Уапсен е 24-годишен маж од Тамаулипас.
Двајцата преживеани Американци синоќа им беа предадени на САД во соработка со нивниот конзулат во Матаморос, објави во порака на Твитер јавниот обвинител на мексиканската држава Тамаулипас.
Тие беа вратени под вооружена придружба во мексикански воен конвој.
Портпаролот на Советот за национална безбедност на Белата куќа, Џон Кирби, упати сочувство до семејствата и пријателите на загинатите граѓани во тие напади.
Американското ФБИ подоцна потврди дека двајца Американци биле пронајдени мртви и дека двајца биле вратени во американските болници. Еден од преживеаните Американци е тешко повреден во нападот, соопшти ФБИ.
Во соопштението се додава дека ФБИ ќе работи со меѓународните партнери и другите агенции за спроведување на законот за да се осигура дека одговорните за „овој ужасен и насилен напад“ ќе бидат кривично гонети.
Американците дошле во Мексико од правец на градот Браунсвил, Тексас, а во петокот влегле во Матаморос, каде во тоа време имало такво пукање што американскиот конзулат таму издаде предупредување до граѓаните на САД, а локалните власти го повикаа населението да оди во засолништа.
ФБИ во неделата соопшти дека во комбето со Американците било пукано набргу откако влегло во Мексико, но дека не е јасно дали киднапирањето е поврзано со насилството што се случило тој ден во Матаморос.
Беше објавено дека „сите четворица Американци биле ставени во едно возило и дека биле однесени од вооружени лица“.
Мексиканските власти на прес-конференција вчера потврдија дека е уапсен 24-годишен маж и дека четворица Американци се пронајдени во близина на Матаморос.
Истражителите сметаат дека т.н Заливскиот картел, една од најстарите криминални групи во Мексико, е одговорен за нападот.
Сè уште не е јасно дали Американците по грешка биле киднапирани затоа што се мислело дека се шверцери на дрога или биле фатени во вкрстен оган меѓу завојуваните нарко картели.
Матаморос е град во Тамаулипас, една од шесте мексикански држави што американскиот Стејт департмент ги советува патниците да не ги посетуваат поради криминал и киднапирања.
Матаморос е еден од најопасните градови во Мексико, а го контролираат нарко картелите.