Двајца припадници на американската војска се повредени за време на воена вежба на Алјаска откако наишле на мечка, соопшти Армијата на САД.
Инцидентот се случил во планинска област за обука во близина на Енкориџ, за време на вежба за копнена навигација во Арктичката долина, која е дел од полигонот на заедничката база Елмендорф-Ричардсон, пренесе агенцијата АП.
Повредените војници се згрижени и укажана лекарска помош, а нивната здравствена состојба засега не е објавена, согласно процедурите за известување на семејството.
Според армијата, двајцата користеле бибер спреј за време на средбата со животното.
Околностите на инцидентот се уште не се целосно расчистени и случајот е под истрага.
Портпаролот на американската армија, потполковник Џо Недерхуд рече дека безбедноста на припадниците на вооружените сили е приоритет.
Истрагата ја води Одделот за риба и дивеч на Алјаска, кој прелиминарно оцени дека се работи за одбранбен напад од мечката, најверојатно по напуштањето на дувлото.
Областа во близина на местото на инцидентот е привремено затворена за рекреативни активности.
Истражувачите собрале примероци за да го утврдат точниот вид и пол на животното.
Според достапните податоци, воената база во областа Енкориџ зафаќа приближно 259 квадратни километри и е дом на приближно 350 црни мечки и приближно 75 гризли.

