Американскиот мултимилијардер, извршен директор на компанијата Тесла, Илон Маск, денеска првпат јавно го навреди трговскиот советник на Доналд Трамп, Питер Наваро, со што откри несогласувања во тимот на американскиот претседател.
Маск, најбогатиот човек на светот, кој во име на американскиот претседател ја води мисијата за радикално намалување на јавната потрошувачка, на својата социјална мрежа Х напиша две пораки дека Питер Наваро е „кретен“ и дека е „глупав како ноќ“.
Маск, близок соработник на републиканскиот претседател чија кампања тој великодушно ја финансираше, ги напиша тие пораки покрај видеото во кое Наваро тврди дека шефот на Tesla не е производител на автомобили, туку само склопува автомобили чии делови се увезени од Азија.
Во интервју за телевизиската мрежа CNBC, Наваро рече дека гуми, мотори и други делови за автомобили треба да се произведуваат во САД и дека има поинаков став по ова прашање од Маск.
„Наваро е навистина кретен. Тоа што го кажува е лага и лесно докажувано. Наваро е глупав како ноќ“, напиша Маск во две пораки.
Во продолжение на пораките на Х, мултимилијардерот се наврати на медиумските извештаи за време на првиот мандат на Трамп (2017-2021), дека Наваро во своите книги го цитирал експертот Рон Вара, кој наводно воопшто не постои.
Според медиумите, името на тој стручњак Рон Вара е анаграм на презимето Наваро, што значи дека Наваро сето тоа го измислил.
Маск веќе го сигнализираше, но подискретно, противењето на радикалната протекционистичка политика на која Наваро е еден од главните заговорници, а што резултираше минатата недела со најава за зголемени царински стапки за речиси сите земји во светот.
Медиумите претходно пишуваа за тензиите меѓу милијардерот и другите членови на администрацијата на Трамп.
Трамп го поддржува Маск, но неодамна изјави дека неговата задача во американската администрација нема да трае вечно.