ЛДП: Владата десет години не може да поправи една мерна станица за воздух во Куманово

Сподели со своите пријатели

Игнорантскиот однос на Владата на ВМРО ДПМНЕ кон Куманово секојдневно се потврдува преку многубројни примери, обвини на денешниот прес Филип Јаневиќ, портпарол на ЛДП, осврнувајќи се на случајот со нефункионирањето на мерната станица за мерење на квалитетот на воздухот на територијата на општина Куманово.

Loading...

Имено, Куманово иако е најголема општина во Македонија, нема функционална станица за мерење на загаденоста на воздухот. Мерната станица сместена во кругот на болницата веќе подолго време не работи и нема податоци дали и колку е загаден воздухот во Куманово. Иако како ЛДП уште мината година реагиравме за овој проблем Министерството за животна средина и просторно планирање секоја година го дава истиот одговор, а тое е дека е распишан тендер за набавка на резервни делови. Таков одговор добивме минатата година, исто како и предминатата и годините пред тоа. Сакаме да подсетиме дека мерните станици поставени низ градовите во Македонија вклучително и таа во Куманово се поставени во периодот од 2003 до 2006 кога министер за животна средина беше сегашниот потпретседател на ЛДП Зоран Шапуриќ. После 10 години владеење оваа Влада на ДПМНЕ се покажа до таа мера неспособна да не може да ја поправи мерната станица во Куманово, а на пак да постави нова и функционална. На ваков начин Владата на ДПМНЕ се грижи за граѓаните на Куманово.

Апсолутно е недопустливо во период кога Македонија се наоѓа на врвот на светските листи по загаденост, во Куманово како најголема локална самоуправа да не функционира мерната станица. Праксата од другите градови покажува дека во зимскиот период интезитетот на загадување на воздухот е уште поголем. Денеска во Куманово има над 30.000 регистрирани патнички моторни возила и голем дел од домаќинствата заради скапата електрична енергија, се загреваат на дрва. Граѓанките и граѓаните на Куманово имаат право да знаат каков квалитет на воздух секојдневно вдишуваат, истакна Јаневиќ.

Со доаѓањето на новата власт во април наредната година, вели Јаневиќ, ЛДП ќе посвети значително внимание на животната средина. Поставувањето на функционална мерна станица, мерка која претставува прв чекор кој треба да покаже каков квалитет на воздух дишат кумановци, ќе биде еден од првите приоритети во таа насока.