27.02.2018 13:20

Кумановската библиотека ќе го оживее „Наш весник“


Кумановската библиотека „Тане Георгиевски“ ќе го оживее весникот кој излегуваше цели 40 години на подрачјето на Општина Куманово, „Наш весник“.

Според директорот на библиотеката, Марјан Петковски, ова е првиот локален весник кој ќе биде дигитализиран со новата опрема која веќе е набавена, со цел да се зачува ова акултурно богатство за кумановско.

– Ќе се отпочне со „Наш весник“, тоа е еден од најстарите весници. Ќе биде потребен долг период да го завршиме проектот, затоа што весникот има излегувано повеќе од 40 години. Потоа ќе следува дигитализација и на другите весници, но ова е најстариот и ќе започнеме со него, рече Петковски на денешната седница на Советот на Општина Куманово, презентирајќи ја програмата за работа за 2018 година.

 

 

Ваквиот проект кој е сместен во програмата на Библиотеката „Тане Георгиевски“ за оваа година, наиде на пофалби и од страна на опозицијата во советот. Советникот Зоран Петрушевски, додаде дека проектот треба да ги опфати и останатите весници кои излегувале во Куманово.

– Одлична работа, но во меѓувреме имаме и други локални весници, пократкотрајни, но сметам дека нема да биде проблем и тие да бидат опфатени со проектот, рече Петрушевски.

 

 

Претседателката на советот, Атина Мургашанска посочи дека тоа е најстар весник кој е на забот на времето и дека дигитализацијата треба да спречи уништување на примероците со кои располага кумановската библиотека, а останатите весници се понови и може да почекаат да заврши процесот на обработка на „Наш весник“, па потоа ќе следуваат и останатите.

Освен овој проект, во скромната програма тешка 750.000 денари, оваа културна установа има предвидено мноштво промоции со цел популаризација на книгата и убавиот пишан збор.

– Во програмата опфатени се сите проекти за работењето во 2018. година, само да истакнам дека со програмата имаме 715.000 денари, првична проекција која се надевам дека со одлука на Советот понатаму ќе биде зголемена. Од тоа 228.000 денари се сопствени средства на библиотеката. Програмата ќе опфати голем број промоции, книжевни творби на наши кумановски автори кои се атрактивни за публиката, со тоа што се надевам дека ќе придонесеме за популаризација на книгата, рече Петковски.

На седницата беше изгласана и одлука за промена на статутот на библиотеката, која се однесува на усогласување со новите законски измени кои се однесуваат на правилата за избор на директори на културните установи во Република Македонија.


© Крадењето авторски содржини е забрането со закон. Преземањето на текстови, изјави или фотографии во авторска сопственост на порталот Кумановски Муабети е дозволено делумно, со задолжителен хиперлинк до содржината која се пренесува.

Последни наслови

Facebook Comments