Со свечена седница во организација на Општинската Организација на Сојуз на борци што ќе се одржи во Кружната сала на поранешен Комитет, во Куманово започнува одбележувањето на 11 Октомври – Ден на востание како град каде за време на НОБ покрај Прилеп пукнала првата пушка.
Одбележувањето на македонскиот државен празник во Куманово започна со организирање на Меѓународен планинарски марш„Полјак калман –2015“ во организација на С.П.К. „Козјак“-Куманово и ОССК – Куманово, при што планинарите ја поминаа рутата Куманово-Арбанашко-Дејловце, а продолжува денес со свечена седница и музички хепенинг на градскиот плоштад Нова Југославија во организација на ХЗ Мајка, а по повод Светската недела на детето.
Во сабота, во празничен дух, на атлетските трим стази во Соколана, ќе се одржи Атлетски митинг ,,Куманово 2015“ во организација на А.К. „Куманово“ и ОСС – Куманово, додека во Спортската сала на СОУ „Перо Наков“ ќе се одржи Одбојкарски турнир (жени) ,,Куманово 2015“ во организација на ОК„Куманово“и ОССК – Куманово.
На празникот 11 Октомври, традиционално во организација на Општина Куманово ќе се организира Полагање цвеќе на Спомен костурница со пригодна програма, како и Шаховски натпевар помеѓу Куманово и Прилеп во организација на Ш.К. „Куманово“ во просториите на Етно село„Тимчевски“.
Ден подоцна, односно на 12 октомври, во МКЦ Козјак ќе биде отворен Фестивал на новиот германски филм во организација на МКЦ ,,Козјак,, и Германска амбасада, додека на 20 октомври, ќе се одржи свечена седница за одбележување на јубилејот 70 години од постоење на ЈОУ – Библиотека „Тане Георгиевски“ – Куманово во големата сала на НУЦК ,,Трајко Прокопиев,, – Куманово.