Кумановецот Андреј Петровски државен првак во друмски велосипедизам

Сподели со своите пријатели

Андреј Петровски од клубот Вело-М Термалифт Куманово е нов државен шампион, откако вчера победи во категоријата сениори на Државното првенство во друмски велосипедизам.

И второто место остана во Куманово. Со сребро се закити Никола Лефков од Вело-М Термалифт, додека третото замина во рацете на Јане Трифуновски од клубот Енерџи Скопје.

Вкупно 55 учесници од цела Македонија вчера возеа 130 километри на релација Куманово – Крива Паланка – Куманово на првенството кое го организираше кумановскиот клуб, заедно во соработка со Велосипедската федерација на Македонија и Општинскиот сојуз на спортови.

И во јуниорскат категорија среброто замина кај член на кумановскиот клуб, Ивица Гацовски, кој беше за нијанса зад првопласираниот Александар Чавлевски од Енерџи. Бронзата замина во рацете на Даниел Мојсовски од Спид Бајк од Кичево.

Манифестацијата ја отвори првиот човек на градот, Максим Димитриевски, кој им посака успех на спортистите и воедно најави дека поддршката за клубот ќе продолжи.

– Општина Куманово и сега и во иднина заедно во соработка со Општинскиот сојуз на спортови со велосипедскиот клуб Вело-М кој е еден од најтрофејните клубови во нашата општина ќе продолжи да дава поддршка не само на оваа трка, туку и на сите настани поврзани со велосипедизмот, бидејќи токму овој спорт дава големи можности за развој на туризмот во нашата држава. Воедно уште еднаш сум благодарен на сите оние кои дадода допринос оваа трка да се организира на еден ваков начин и да покажеме дека и ние во Република Македонија можеме да организираме европски настани, рече Димитриевски.

Државното првенство во друмски велосипедизам се смета за најпрестижна трка во рамките на една нација. Секоја држава првенството го организира на ист датум со што се постигнуваат поени за светската ранг листа.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Кумановци се тепале пред продажен објект

Leave a Reply