Со свечена церемонија во касарната „Боро Менков“ во Куманово денеска беше означено затворањето на Командата на Бригадата на Југоисточна Европа (SEEBRIG), со што завршува шестгодишната мисија на командата во Република Северна Македонија.
Во наредниот период Командата ќе биде преместена во Истанбул, Република Турција.

На церемонијата присуствуваше министерот за одбрана Владо Мисајловс, началникот на Генералштабот на Армијата на Република Македонија Сашко Лафчиски, дипломатскиот кор и делегации од земјите членки на иницијативата.

Командантот на SEEBRIG, бригадниот генерал Билбил Битри, истакна дека разделбата со Куманово е проследена со измешани чувства, нагласувајќи дека градот во изминатите шест години бил повеќе од место каде што бил сместен штабот.
„Во изминатите шест години, Куманово беше повеќе од само локација на нашиот штаб – тоа беше наш дом“, рече Битри, заблагодарувајќи им се на Владата, Министерството за одбрана, Армијата, Општина Куманово и граѓаните за поддршката и гостопримството.

Тој оцени дека во текот на престојот во Македонија биле зајакнати мултинационалната интероперабилност, регионалната воена соработка и партнерствата меѓу земјите учеснички.
„Иако штабот може да се премести, пријателствата и партнерствата воспоставени во текот на овие шест години ќе траат. Отсега Куманово и Македонија секогаш ќе имаат посебно место во историјата на SEEBRIG“, изјави командантот Битри.

Министерот за одбрана Владо Мисајловски порача дека денешната церемонија означува крај на едно успешно поглавје во кое Македонија беше домаќин на Командата на SEEBRIG.
„Шест години достигнувања, зајакната доверба и партнерството и стекнати нови трајни пријателства. Тоа е SEEBRIG! Еден од најуспешните примери за регионална одбранбена соработка“, истакна Мисајловски.

Тој нагласи дека присуството на Командата во Куманово било многу повеќе од организациска обврска и придонело за дополнително зајакнување на односите со земјите учеснички.
„Иако денес се простуваме од Командата на SEEBRIG во Куманово, нашата соработка продолжува од нејзината нова локација во Истанбул. Нашиот придонес кон активностите на Бригадата продолжува, затоа што овој регионален проект е од огромно значење за сите нас“, рече Мисајловски.

На настанот се обрати и амбасадорот на Грција и претседавач со процесот SEDM, Елефтериос Ангелопулос, кој оцени дека успешното функционирање на SEEBRIG во Куманово е доказ за силата на регионалната соработка и заедничката посветеност на мирот и стабилноста.
„Денес не е само церемонија на збогување; тоа е и можност да размислиме за она што го постигнавме заедно и да ја потврдиме нашата колективна посветеност на регионалниот мир, безбедност и соработка“, изјави Ангелопулос.

Според него, SEEBRIG останува еден од најзначајните резултати на процесот SEDM и ќе продолжи да ја исполнува својата мисија од новото седиште во Истанбул, со цел понатамошно унапредување на регионалната соработка и безбедност.
Командата на SEEBRIG беше стационирана во касарната „Боро Менков“ во Куманово од август 2020 година, кога Македонија ја презеде улогата на земја-домаќин.

Во изминатите шест години, во градот беа распоредени офицери од повеќе земји членки, кои заеднички работеа на планирање, обука и координација на мултинационални активности насочени кон унапредување на регионалната безбедност и воената соработка.
SEEBRIG е мултинационална бригада формирана во 1999 година во рамките на Процесот на министрите за одбрана на Југоисточна Европа (SEDM).

Во неа членуваат Албанија, Бугарија, Грција, Северна Македонија, Романија и Турција, а нејзината мисија е да ја зајакнува довербата, интероперабилноста и соработката меѓу армиите во регионот, како и да биде подготвена за учество во мировни и хуманитарни операции под мандат на меѓународните организации.

По шестгодишното домаќинство во Куманово, Командата повторно се сели во Истанбул, Турција, од каде ќе продолжи со своите активности.


Никола Ивановски

