Пекинг и неколку други големи градови во Кина денеска пријавија зголемен број на нови случаи на коронавирус, најмногу од 25 април, а властите беа повикани брзо да го спречат ширењето на инфекцијата.
Кинеската здравствена комисија денеска објави 16.072 нови случаи на новиот коронавирус низ целата земја, што е повеќе од 14.761 пред една недела, објави Ројтерс.
Во Пекинг, Чонгкинг, Гуангжу и Женгжу досега се регистрирани најголем број нови случаи на корона, при што бројот во главниот град е неколку стотици, односно 407, додека во другите градови неколку илјади.
Бројот на нови случаи на корона во Кина е многу мал во споредба со нивоата на инфекција во другите земји, но инсистирањето на Кина да ги елиминира инфекциите веднаш штом ќе се појават, како дел од спроведувањето на стратегијата за нулта толеранција за корона вирусот, доведе до намалување на економскиот раст и проблеми во секојдневниот живот на луѓето, истакнува британската агенција.
Во петокот, кинеската здравствена комисија ублажи одредени мерки против корона вирусот.